Од 9 до 12 мај Скопје Сити Мол е домаќин на манифестацијата „Денови на филигранство и накит“. Овој настан на кој ќе се претстават 22 индивидуалци занаетчии и мајстори на својот занаети го организира Скопје Сити Мол во соработка со Занаетчиска комора – Скопје.
Филигранството претставува техника на изработување на накит, најчесто од сребрена жица. Овој начин на изработка на накит има голема традиција кај нас, а во последните декади е забележителен трендот на појава на млади мајстори кои му даваат и современ белег на филигранот, секако почитувајќи ја и традицијата.

Овие четри дена, голем дел од учесниците на настанот ќе ја раскажат својата приказна преку сребрената жица, а посетителите ќе можат да видат и други техники кои пленат со начинот на изработка, но и со самиот накит како финален производ.
Ова е единствена можност на едно место да се видат рачно изработени уметнички форми на накит од сребро, бакар, челик, епоксидна смола, чисто сребро, полимерна глина, па до керамика, плексиглас и мурано стакло.
Изработката на накит е процес во кој во секој детаљ на уникатните парчиња накит е втиснат креативниот, искуствен и авторски труд на овие 22 креативни занаетчии.
Демонстрација на самите техники на изработка, изложби на експонати од накитот кој го изработуваат учесниците се само дел од причините зошто од 9 до 12 мај да го посетите Скопје Сити Мол. Дојдете да уживате и да влезете во волшебниот свет на уникатните креации на „Денови на филигранство и накит“ во Скопје Сити Мол