Саем на креативни индустрии

 
 
   

Дводневен Саем на кративни индустрии со фокус на одржливоста ќе се одржи на 28 и 29 ноември во киното „Синеплекс“ и вториот кат на „Скопје сити мол“. На саемот ќе се претстават повеќе од 40 учесници. Настанот е во организација на здружението „Балкан синема ситис“ и Унијата на македонски организации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, заедно со „Скопје сити мол“.

Во најголем дел ќе се претстават поединци и мали бизниси од најразлични креативни дисциплини во чиј фокус се одржливоста, креативниот пристап, уникатноста. Предвидено е учество на мали и средни бизници, факултети, организации и платформата „Yes for Less“. Освен уникатни литературни изданија за деца, роботика и 3Д принтани фигури, скулптури, гастрономски уникатни производи, мода, дизајн, ќе има и музика во живо со инструменти, видео игри на Нинтендо, електронски решенија од Факултетот за електротехника и информациски технологии, претставување на уникатна храна во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна, мебел и уникатни дрвени производи изработени од остатоци од мебел, органска козметика, стрипови, и многу повеќе.

Новитет на саемот се повеќе едукативни работилници за основци и средношколци што ќе се одржуваат двата дена, како и едукативни презентации на самите штандови. На дводневниот настан посетителите ќе имаат и можност да дегустираат и производи.

Саемот на креативни индустрии е единствен настан каде што на едно место ќе се претстават различни гранки од креативните индустрии, во еден изложбен простор со цел да, да се поттикне домашната креативност, да се прикажат оригинални идеи и сиот потенцијал на креативните индустрии на јавноста. Саемот е осмислен како изложба за креативниот сектор проследена со работилници, настапи во живо, галериско изложување и централна изложба. Соединувањето на цела инфраструктура сочинета од дизајнери, уметници и водечки организации е иницијатива која има за цел да го подигне профилот на креативниот сектор, да ги поврзе организациите кои имаат заеднички интерес во креативните индустрии. Настанот ќе ги обедини сите креативци без оглед од кој сегмент на креативните индустрии доаѓаат.

Саемот за креативни индустрии се организира во два дела, од кои вториот ќе се одржи во Битола на 15 декември во Културен и информативен центар – Битола.

Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје и Британскиот совет и Нептун.


 
 
   
Translate in English»